Русија регистрира вакцина во прав против коронавирус

13

Неколкумесечните тестирања покажале дека таа е безбедна и ефикасна, тврди руското Министерство за здравство
Министерството за здравство на Русија регистрираше тнр. сува вакцина против коронавирусот, соопшти прес-службата на руското Министерство.

Се работи за вакцината во прав на центарот „Гамалеј“ за подготовка на раствор за интрамускулни инјекции.

„Министерството за здравство издаде регистрација за вакцината ’Гам-КОВИД-Вак-Лио’, развиена од Научно истражувачкиот центар за епидемиологија и микробиологија ’Гамалеј’ на Министерството за здравство на Русија, која е произведена во форма на лиофилизат за подготовка на раствор за интрамускулна инјекција“, се наведува во соопштението.

Вакцината е регистрирана по клиничките тестирања, кои се спроведени од јуни до август годинава на државниот медицински универзитет „Сеченов“ во Москва, во кои лекот се покажал како ефикасен и безбеден кај доброволците.

Институтот „Гамалеја“ добил дозвола да спроведе пострегистрационо клиничко испитување на вакцината, во кое ќе бидат вклучени 40 000 волонтери повозрасни од 18 години, а што ќе се спроведува во низа државни медицински установи во Москваод 3 септември.

Пошироката примена може да почне во втората половина на септември.