Русија ја обвини Украина за ракетирање на складиште со нафта во рускиот град Белгород

8

Русија ја обвини Украина дека извршила воздушен напад на складиште со нафта во Белгород, што би бил прв украински напад на руска почва од почетокот на инвазијата пред повеќе од еден месец. Руската државна агенција „РИА“ објави дека горат осум резервоари со нафта, при што постои опасност од ширење на огнот на уште осум.

Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков кажа дека два украински хеликоптера ја преминале границата на мала височина, по што испукале неколку проектили. Белгород е оддалечен 30 километри од украинската граница, односно 60 километри од Харкив.

„Во пожарот се повредени двајца работници“, изјави Гладков.

Руската нафтена компанија „Роснефт“, во чија сопственост е складиштето, кажа дека нема повредени и не даде информации за причината за пожарот. Украина засега не ја презела одговорноста за нападот.

Пред два дена, во близина на Белгород се запали и складиште со муниција, што доведе до низа експлозии.