САД изразуваат поддршка за примирје на Блискиот Исток, но истовремено продаваат најсовремено оружје на Израел

13

Американскиот претседател Џо Бајден ја изрази својата поддршка за примирје по 8-дневното насилство помеѓу Израел и палестинските милитанти во Газа.

Бајден во третиот разговор со Нетанјаху во последните 3 дена, го информирал дека Соединетите држави соработуваат со Египет и други држави за запирање на непријателствата.

Сепак, додека од Белата Куќа се обидуваат да испратат пораки за потребата од примирје, американската дипломатија повторно го блокираше усвојувањето на изјавата на Советот за Безбедност на ОН со која се бара прекин на насилството.

Истовремено, администрацијата на Бајден ја одобри и потенцијалната продажба на најсовремени американски проектили на Израел, во вредност од 735 милиони долари.

Како што пренесува Вашингтон Пост, кој прв ја објави информацијата за продажбата на американско оружје за Израел, не се очекува спротиставување на американските конгресмени и покрај ескалацијата на насилството помеѓу Израел и Палестинците.

Конфликтот меѓу Израел и Палестинците сега е веќе во својата втора недела и има малку знаци за прекин на судирите.

Во текот на минатата ноќ, Израелската авијација изведе нови воздушни напади на Газа , додека истовремено Хамас лансирал неколку десетици проектили кон Израел.

Најмалку 212 луѓе, вклучувајќи и 100-тина жени и деца досега беа убиени во жестокото бомбардирање на Газа, потврдуваат палестинските извори.

Загинати има и во Израел, но во согласност со драстично помалата воена моќ на Хамас и бројот на жртвите е помал.

10 луѓе, вклучувајќи и две деца загинале во Израел.

Растечкиот број на цивилни жртви во Газа, каде израелската авијација бомбардира згради во густо населените станбени блокови, ги засили повиците за прекин на насилствата.

Светските лидери и хуманитарните организации побараа преземање мерки за спречување на цивилните жртви и хаосот предизвикан од уривањето на зградите и инфраструктурата во појасот Газа, каде живеат речиси 2 милиони луѓе, со што станува збор за третиот најгусто населен регион во светот.

Светската организација потврди и дека 40 училишта и 4 болници биле целосно или делумно уништени во бомбардирањето на Газа, за кое Израелската армија и натаму тврди дека е насоченото исклучиво кон милитантите на Хамас.