Сведоци во одбрана на Боки 13 денеска на „Рекет“

23

Судењето за „Рекет“ денеска ќе продолжи со сослушување сведоци на Бојан Јовановски-Боки 13, кој е обвинет за две кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ за кое казната е од една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар „перење пари и други приноси од казниво дело“. Тој се сомничи дека заедно со Зоран Милевски Кичеец зеле 1,5 милиони евра за да преку јавен обвинител врз кој имале влијание, односно преку поранешната специјална обинителка Катица Јанева да ја олеснат положбата на лице кое било под истрага.

Во претходните рочишта Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција изведуваше материјални докази, а завчера со прикажување тајни снимки од УСБ – то на осудениот на три години затвор Зоран Милевски Кичеец и тоа зад затворени врати заврши оваа фаза во судскиот процес.

Токму затворањето на судењето за јавноста од страна на судечкиот совет, а на барање на обвинителката Вилма Русковска предизвика многу негативни реакции не само кај обвинетите и нивните адвокати, туку и кај новинарите. Русковска прво побара јавно прикажување на тајните снимки од разговорите за Кичеец и Боки 13 за да нема сомнеж дека обвинителството сака да сокрие некои докази од јавноста, а веќе наредниот ден се пишмани и постапи сосема спротивно барајќи судење зад затворени врати.

Бојан Јовановски бараше и во минатото рочиште да се прикажат пред новинарите сите докази од УСБ-то на Кичеец, велејќи дека на тој начин ќе се отвори Пандорината кутија во судскиот процес, а се согласи новинарите да ги слушнат и неговите приватни разговори со Кичеец затоа што така ќе се дознаело како Милевски манипулирал со него.

И обвинетата поранешна специјална јавна обвинителка Катица Јанева бараше јавно да се прикажат сите снимки зашто, со нив, како што рече, почнувала нејзината одбрана, а ќе се видело кој нуди поткуп, кој рекетира и кој манипулира во случајот.

Јанева е обвинета за „злоупотреба на службена положба и овластување“, а Милевски кој поради кривиното дело „примање награда за противзаконито влијание“ е осуден на три години затвор, откако призна дека е виновен на почетокот на судењето во декември лани.