СДСМ и денеска ќе објави уште неколку имиња за градоначалници

11

СДСМ за денеска најави дека ќе ги објави преостанатите кандидати за градоначалници за локалните избори на 17 октомври. Така минатата недела соопшти лидерот на партијата Зоран Заев. Сепак, не секаде кандидатите се усогласени, па можно е на објавувањето на целата листа на кандидати за градоначалници да се чека до 30 август, кога е крајниот рок за собирање потписи за независни кандидати.

Отворени се прашањата за тоа кој би можел да биде кандидат за градоначалник на СДСМ на пример во Куманово, Дебарца, Битола… Вчера Заев не одговори на прашањето на новинарите дали, по најавата за независна кандидатура на Фатмир Лимани, СДСМ ќе излезе со свој кандидат во Кичево или ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари. За Куманово не се знае дали СДСМ ќе го поддржи Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник, кој според сите анкети е еден од попопуларните градоначалници во Македонија. До 30 август е рокот за собирање потписи за независна кандидатура, па веројатно е и тука потребата од тактизирање во однос на најавеното денешно објавување на сите кандидати за градоначалници. А се чека и на кандидатите на опозицијата.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ и Зоран Заев веќе ја објавија соработката на коалициските партнери ДУИ и СДСМ и за локалните избори, но без да прецизираат за кои општини.

Познато дека во трката за Град Скопје повторно ќе биде актуелниот градоначалник Петре Шилегов, за Охрид кандидат ќе биде Костадин Ѓорѓиевски, Перо Костадинов- Валандово, Велимир Смилевски – Бутел, Филип Темелковски – Кисела Вода, Миликие Халими за Арачиново, Благојчо Шапов за Богданци, Зоран Зимбаков за Босилово, Маријан Јанев за Василево, Сашо Јанквоски за Вевчани, Ивица Димитров за Виница, Роберт Бешовски за Градско, Горан Трајковски за Делчево, Лазе Петров за Демир Капија, Анго Ангов за Дојран, Борче Гиевски за Зелениково, Јордан Насев за Карбинци, Благојчо Илиев за Конче, Томе Христовски за Крушево, Аце Велковски за Лозово, Медад Куртовски за Маврово-Ростуше, Љубе Кузмановски за Новаци, Елизабета Зелениковска за Петровец, Славчо Пандурски за Пехчево, Драган Анастасов за Пробиштип, Живко Гошаревски за Ресен, Стојан Николов за Росоман, Жаклина Јовановска за Старо Нагоричане, Горан Стојановски за Чашка и Сашко Николов за Штип, за Неготино – Тони Делков, Гази Баба – Борче Георгиевски, Могила – Јасмина Гулевска, Берово – Звонко Пекевски, Ранковце – Даниел Крстевски.