Седници на две собраниски комисии

23

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика и за прашања на изборите и именувањата.

На дневен ред на собраниската Комисија за надворешна политика се Предлог-законот за ратификација на Договорот за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција и Предлог-законот за ратификација на амандманите на Договорот за основање на Европската банка за обнова и развој.

Членовите на Комисијата за надворешна политика треба да ги разгледаат и платформите за дипломатските активности на новите амбасадори. На седницата треба да се обратат поранешниот министер за правда Никола Тупанчески, кој треба да биде амбасадор на земјава во Србија,  поранешниот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски, кој треба да биде абасадор во Романија, Шпенд Садики треба да биде амбасадор во Израел, Јасмин Ќахил треба да замине во Полска, Сашко Насев во Народна Република Кина, Игор Попов во Бразил и Илбер Села во Германија.

Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да одржат две седници. На 29-та седница на дневен ред се Утврдување Предлог-одлука за именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Утврдување Предлог-одлука за именување на претседател и членови на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На 30-та седница на дневен ред се Утврдување Предлог-одлука за избор на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и Утврдување Предлог-одлука за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско претстапништво.