Се наближува крајот на едно од најследените судења: Адвокатите на Амбер Херд и Џони Деп ги дадоа завршните зборови

7

На едно од најследените судења некогаш, помеѓу поранешните сопружници Амбер Херд и Џони Деп, му се наближува крајот.

Завршено е давањето искази и испитувањето на сведоците, а сега се чека одлуката на поротата.

Што се однесува до завршните зборови на адвокатката на Деп, таа истакнала дека Амбер мора да одговара за сите свои изнесени лаги, додека од друга страна нејзините адвокати заклучиле дека Џони е насилник и дека тоа станало јасно во текот на ова 6-неделно судење.

Адвокатот на Амбер, Бенџамин Ротенброн, ја потсети поротата на пораките помеѓу Џони Деп и неговите пријатели во кои актерот им напишал дека сака да ја повреди својата поранешна сопруга.

„Тоа е огледало на срцето и умот на омилениот американски пират“, изјавил адвокатот, алудирајќи на улогата на Деп во „Pirates of the Caribbean“ и додал: „Ова е вистинското лице на Џони Деп“.

Застапничката на актерот, од друга страна, ги окарактеризира обвиненијата кои во текот на судењето ги изнесе неговата поранешна сопруга како „диви, претерани и неуверливи“.

„Во оваа судница само една личност е злоставувач, но тоа не е Џони Деп“, заклучила Васкез која потсетила на снимката во која Херд признава дека го удрила Деп.

Васкез изјавила и дека Џони е тој кој бил под постојани вербални, физички и емотивни напади.

„Тука не станува збор за тоа кој е подобар сопружник, ниту дали вие сметате дека Херд потенцијално го злоставувала Џони Деп. Доколку сметате дека меѓусебно се повредувале, тогаш Амбер победува. И доколку само еднаш била жртва на насилство, таа победува“, укажал адвокатот на Херд.

По завршните зборови, поротата започнала да заседава, а сè уште не е познато кога ќе биде донесена одлуката, пренесува „AFP“.