Синдикати излегуваат на протест: Време е да се чуе гласот на работниците

19

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) одлучи да ги повика работниците на протест бидејќи дел од надлежните институции не одговараат на прекршувањата на правата на работниците и во услови на пандемија.

По неуспешните обиди да воспостави дијалог со претставници на институциите за клучни прашања од правата на работниците кои се прекршуваат и во време на здравствената криза, Конфедерацијата на слободни синдикати одлучи да организира мирен протест.

Синдикатите бараат да се почитуваат законите од областа на трудовото право, надлежните институции да постапуваат при прекршување на законите и да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери

– Сите овие барања и активности се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници во нашата држава – велат од КСС.

Синдикатите наведуваат и дека работничките и човековите права се прекршуваат дури и за време на пандемијата кога луѓето се во ранлива економска и здравствена состојба.

Од КСС очекуваат работниците активно да се вклучат во протестестот за да се чуе нивниот глас и гласот на синдикатите и да се принудат надлежните претставници од Министерствата и другите државни институции да започнат социјален дијалог со нас со цел подобрување положбата на сите работници.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија соопшти дека ќе се приклучи на протестот.

– Повеќе од две години на нашата Конфедерација и е одземена законската можност да учествува во креирање на економската политика во државата, од причина што- некој така сака. Две години документите за репрезентативност на КСС седат во некоја фиока во Министерството за труд и социјална политика и се прави класична опструкција врз синдикалното делување на највисоко ниво. Штетата направена врз гранските синдикати, здружени во КСС е огромна и непроценлива – велат од СОНК.

Протестот ќе се одржи со автомобили во четврток од 16 часот, а ќе почне од МРТ до собранието и Владата.