Сите се пофалија со паричките на Фејсбук, Орданоски со разводот

56

Додека многумина наши сограѓани синоќа преку Фејсбук се фалеа со фотографии од паричката за Василица, поранешниот директор на Агенцијата за електронски комуникации Роберто Орданоски одлучи оваа социјална мрежа да ја искористи за да објави интимен момент од животот – развод од сопругата Агнеса Орданоска.

Орданоски во објавата зборува дека славел роденден на една од двете ќерки, на кој не била присутна нејзината мајка.

„Уште еднаш, среќен роденден на мојата прва љубов, штета што мајка и, фотошоп барбиката Агнеса Орданоска не е тука, на 17-иот роденден на нејзината првородена ќерка, има поважна работа, подготвува документи за развод од нејзината поранешна љубов од која, по нејзини зборови, се оладила, најверојатно поради тоа што таа љубов не е повеќе директор и не е во можност да и ги исполнува нејзините мегаломански желби и потреби, се надевам ќе си најде солвентен партнер кој ќе може тоа да го прави место мене“, напиша Орданоски.

Роберто Орданоски беше директор на Агенцијата за електронски комуникации во времето на Никола Груевски, а сега според профилот, работи во МЕПСО.

Со оглед на тоа што Орданоски е јавна личност и во претходниот период се пишуваше за моменти од неговиот приватен живот, затоа и овој пат веста за разводот што самиот ја постираше на отворениот профил на ФБ, повторно го привлече вниманието на медиумите.