Сомнителен на јужноафриканскиот сој е македонски војник, од Африка во тешка состојба ќе биде донесен на Инфективна

16

Најава за пациент од Африка кој е високо суспектен на јужноафриканскиот сој е стасана вчера до целиот персонал на Инфективната клиника во Скопје. Според првичните информации, се работи за војник, македонски државјанин кој е во тешка состојба и треба да биде сместен на Инфективната клиника во Скопје. На Клиниката веќе се подготвени за прием на пациентот кој е сомнителен на јужноафриканскиот сој, но дополнително ќе се прават испитувања за точниот сој на вирусот. Овој сој до сега го нема во државава и е многу посмртоносен за разлика од претходните соеви.

Заразениот војник ќе биде транспортиран под посебни услови и протоколи и ќе биде во изолација, а целиот персонал на Клиниката за инфективни болести добил препораки строго да внимава и да се придржуваат кон протоколите за работа. За оваа информација се чекаат и детали од Министерството за здравство.

Инаку, заразениот војник заедно со уште еден војник бил во мисијата на Европската Унија за обучувачи во Централноафриканската република.

Ова не е прв случај на сомнителен пациент до јужноафриканскиот сој на ковид-19. Во март годинава битолчанец на возраст од 65 години кој престојувал во Занзибар, со позитивен тест беше хоспитализиран во болницата во Струга. Анализите подоцна покажаа дека се работи за британскиот сој на коронавирусот.

Ставот на проф. д-р Никола Пановски тогаш беше дека ако се прошири јужноафриканскиот сој на коронавирус кај нас, залудно ќе биде што сте прележале ковид-19, а од друга страна, ниту некоја од сегашните вакцини може да ве спаси.

„Ако се докаже дека го имаме јужноафриканскиот сој на коронавирус, секако дека треба да сме загрижени, бидејќи апсолутно не значи дека оние што прележале ковид-19, се спасени. Сега во моментов, не знаеме колкава територија ќе преземе овој сој. Ако британскиот повеќе се шири, тогаш нема да го пушти јужноафриканскиот да се прошири. А може да се прошири оној сој, што е позаразен од друг. Се надевам дека британскиот ќе остане доминантен. Треба да се молиме тоа да остане така. Бидејќи со јужноафриканскиов, залудно ви е што имате имунитет, залудно ви е ако сте прележале ковид. Ако се прошири тој, така потешко ќе се создаде колективен имунитет. Неефикасни против него се и сегашните вакцини. Ќе бидат потребни нови вакцини, односно ќе треба да се модифицираат сегашните за да бидат ефикасни. Во светот веќе и се прават некои модификации”, рече д-р Пановски во изјава за медиумите кога се појави првиот сомнителен случај на јужноафрикасниот сој, за кој подоцна се утврди дека е британски сој.