Средба на министрите за развојна соработка на ЕУ

1

Планот за поддршка на Украина, хуманитарната ситуација во Газа, кохерентен пристап во меѓународни партнерства на ЕУ и здравствената состојба на глобално ниво ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка.

Со состанокот што ќе се одржи во Брисел ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Предвидено е средбата да започне со размена на мислења за ситуацијата во Украина, со посебен осврт за Планот за Украина, што украинската Влада го достави до ЕУ на 20 март како услов за исплата на првите средства од Украинскиот механизам за периодот 2024-2027 година, која зависи од напредокот во планираните реформи што треба да ги спроведе Киев согласно утврдената Реформска агендата.

Европската комисија веќе даде позитивно мислење за исплатата, оценувајќи дека Планот ги исполнува неопходните критериуми и претставува избалансиран одговор на целите на Украинскиот механизам во однос на реформите поврзани со пристапниот пат на Украина кон ЕУ и закрепнувањето, реконструкцијата и модернизацијата на земјата.

Се очекува дискусијата на министрите да бие насочена кон обезбедување ефикасна координирана поддршка на Планот за Украина, со цел да биде одобрен околу средината на овој месец.

Во продолжени на состанокот министрите ќе се фокусираат на хуманитарните и реконструктивните аспекти поврзани со најновите случувања и влошената хуманитарна ситуација во Газа и на одговорот на ЕУ и земјите членки на ваквиот развој на настаните. Од тој аспект министрите ќе го разгледаат и Извештајот за преглед на работата на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), подготвен од независната работна група предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Кетрин Колона.

Според најавите, Борел ќе побара од министрите да размислуваат за тоа како ЕУ најдобро би можела да ја поддржи реформската агенда на Палестинската автономна управа, по формирањето на новиот владин Кабинет.

За време на работниот ручек, министрите на иницијатива на белгиското претседателство ќе разговараат за кохерентен пристап во меѓународни партнерства и политички инструменти на ЕУ за да се осигура дека партнерските земји можат да одговорат на специфичните предизвици, особено во однос на хуманитарниот развој. Од тој аспект во дискусијата се очекува да стане збор и за улогата на инструментот на ЕУ „Глобална порта“.

Министрите во продолжение ќе бидат информирани за подготовките за Самитот во иднина, што ќе се одржи на 22 и 23 септември оваа година, на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН на ниво на високи државни и владини претставници во Њујорк.

Белгиското претседателство ќе презентира ажурирани податоци за здравствената состојба на глобално ниво, Финска и Естонија ќе претстават заеднички нон-пејпер документ во врска со имплементацијата на инструментот „Глобалната порта“, а министрите ќе бидат информирани и за среднорочната евалуација на Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка „Глобална Европа“, чија цел е да се процени дали оваа финансиска алати ги исполнува целите за кои е наменета