Талат Џафери го честита Денот на армијата

0

Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка до началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и до припадниците на војската по повод 18 Август, Денот на Армијата.

„Во име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име Ви го честитам 18 август, Денот на Армијата на Република Северна Македонија Вам, на војниците од сите чинови, цивилните службеници во Армијата и на сите граѓани на Република Северна Македонија“, се вели во честитката од Џафери.

Во овие 30 години, припадниците на Армијата несебично се посветени на својата благородна задача – зачувување и обезбедување на интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија и секојневно придонесуваат во безбедноста и стабилноста на државата, пишува во честитката од собранискиот спикер.

„Професионалноста која секојдневно ја покажувате е за особена почит и е пример за сите, затоа граѓаните имаат огромна доверба во капацитетите и подготвеноста на припадниците на Армијата. Имав чест и привилегија да бидам дел од Армијата и да придонесам во остварување на Евро – Атлантските цели на државата како офицер во АРМ, заменик министер и министер за одбрана – периоди од мојата кариера на кои со гордост се навраќам“, посочува Џафери во честитката.

Тој додава дека подготвеноста и посветеноста на нашата Армија ги препозна и светот, преку рамноправното учество на нашите војници во меѓународните мировни мисии, успешната меѓународна соработка на Армијата во време на бегалската криза, па се до нашето долгопосакувано полноправно члество во НАТО во 2020 година, со што Армијата официјално го доби заслуженото место на активен чувар на светскиот мир.

Пред да ја почне политичката кариера, Талат Џафери, кој е образуван во воените школи на поранешна Југославија, беше офицер во АРМ. За време на конфликтот во 2001 година, тој ја напушти АРМ и позицијата во тетовската касарна и премина на страната на ОНА (Ослободителната народна армија), каде дејствуваше како Командант Форина.