Тензии во Собранието: Опозицијата обвинува за шверцерство во носењето закони

39

Терминот на закажување и одржување на собраниската седница беше причина за синоќешната тензија во Парламентот. Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски снимаше и објави видео од седницата, што го налути претседателот на Собранието Талат Џафери пред полноќ имаше и прес конференција. Партискиот координатор Никола Мицевски обвини дека власта се обидува на шверцерски начин да носи закони.

Опозицијата тврди дека не била навремено и уредно известена за продолжението на седницата.

„Шверцерско носење на закони нема да дозволиме, ќе останеме до сабајле ако треба тука. Треба да не информирате кога и како ќе работиме“, порача претходно Мицевски од говорницата.

Инаку Милошоски снименото видео го објави на својот Фејсбук профил, а собранискиот спикер го предупреди дека ќе заработи кривична пријава, за неовластено снимање. Пратеникот тврдеше дека тоа е негово уставно право.

Расправата треба да продолжи денеска во 11 часот.