Тешко се враќа довербата: ЕУ суптилно ја заобиколува вакцината на „Астра Зенека“

14

Европската комисија објави дека се дистанцира од лабораторијата на „Астра Зенека“ како дел од стратегијата за вакцинирање против ковид -19 во првиот квартал, по големите доцнења во испораката на вакцината од британско-шведската компанија.

„Астра Зенека“, чија вакцина требаше да се користи за масовно вакцинирање во првиот квартал од 2021 година, не може да гарантира дека ќе испораа повеќе од 25 проценти од ветените 100 милиони дози, што за европските држави е проблем, изјави генералната директорка ЕК за здравството, Сандра Галина вчера во своето обраќање пред европратениците.

Таа истакна дека Комисијата затоа се свртува кон вакцините произведени од лабораториите „Фајзер/Бионтек“ и „Џонсон и Џонсон“.

Германската лабораторија „Бионтек“ вчера вети дека ќе испорача до 75 милиони дополнителни дози на вакцини што ги произведува со американскиот „Фајзер“ во ЕУ во вториот квартал.

„Ќе има многу повеќе дози во вториот квартал со влегувањето во сила на новиот договор. Нема да ги имаме само ‘Бионтек’ и ‘Модерна’, туку и ‘Бионтек’ со нов договор, што е двојно поголема сума “, рече Галина.

„Астра Зенека“ доцни со испораката на вакцини, како што објаснија, поради падот на производството во една од нејзините фабрики во Европа.

Европската унија ја обвини британската лабораторија за фаворизирање на Велика Британија во испораката на вакцини на штета на договорните обврски со Брисел, на што директорот на „Астра Зенека“, Паскал Сорио одговори дека според договорот, компанијата ветила дека ќе стори „се што може“ кога станува збор за испораките, бидејќи договорите не се обврзувачки.