Тирана и Приштина го демантираат Таравари дека навивале за трипартиска коалиција во Македонија

4

Плусинфо контактираше со двајцата амбасадори и тие се едногласни во оценката дека Албанија и Косово не се мешаат во внатрешните работи на Македонија и дека евентуалните коалиции на партиите на Албанците во земјава се партиски прашања.

Амбасадорите на Албанија и на Косово во Македонија, Фатос Река и Ѓерѓ Дедај, ја оценија како неприфатлива изјавата на шефот на изборниот штаб на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, дека двете соседни држави поддржуваат трипартиска коалиција на партии на Албанците во Македонија за на изборите во април ДУИ конечно да оди во опозиција.

Плусинфо контактираше со двајцата амбасадори и тие се едногласни во оценката дека Албанија и Косово не се мешаат во внатрешните работи на Македонија и дека евентуалните коалиции на партиите на Албанците во земјава се партиски прашања.

– Тоа е неприфатливо. Косово не се меша во внатрешните работи на Северна Македонија, во тоа кои партии меѓусебе ќе коалицираат. Тоа е работа на партиите во Северна Македонија. Партиите сами одлучуваат дали ќе соработуваат за изборите. Официјалниот став на Република Косово е дека не се мешаме во внатрешните работи на соседна Северна Македонија со која имаме одлична соработка – ни изјави косовскиот амбасадор Дедај.

Амбасадорот на Албанија во Македонија, Река вели дека не е запознаен и оти не ја слушнал изјавата на Таравари. Сепак, тој додаде дека Албанија никогаш не се меша во внатрешните работи на други земји, вклучително и на Македонија. И тој како и Дедај вели дека евентуалните коалиции се прашање на договор меѓу политичките партии во една држава.

Таравари за ТВ 21 вели дека за тројната коалиција не настојува само Алијанса за Албанците туку и внатрешни и надворешни фактори, со цел ДУИ да замине во опозиција. Тој е убеден дека тројната коалиција ќе има донесе сигурна победа.

Сите тие фактори кои настојуваат да бидеме заедно, сакаат и сметаат дека време е ДУИ да замине во опозиција. Кога велам надворешни фактори подразбирам албанските држави во Балканот кои ги сметаме за браќа, пријатели, кои ни посакуваат добро исто како и ние на нив – вели Таравари.

Контроверзниот став на Таравари доаѓа во екот на преговорите кои Алијансата за Албанците ги води со Беса и Алтренатива за тројна предизборна коалиција. Алијансата охрабрена од победата на Самоопределување во Косово, им понуди на Беса и Алтернатива предизборна соработка за како што велат ДУИ конечно да оди во опозиција.

На изјавата на Таравари реагира и ДУИ.

– Демократската Унија за Интеграција смета дека секое јавно појавување на фракцијата на ДПА на Мендух Тачи, ДР во ДПА од нивните претставници го обелоденува стравот во нивната срж од директното соочување со ДУИ и претрпување на петиот пораз по ред во изборните процеси од нивното отцепување од ДПА, или седумнаесети пораз по ред воопшто, соопшти ДУИ.

Апсолутно победиваме од 2002 година сè досега, на парламентарните избори 2016 година, на локалните избори кога и нивниот претседател, откако ја напушти ДПА, изгуби во својот град. И по четири порази од ДУИ, како и неподржувањето на референдумот за НАТО и ЕУ, ниту еден од нив немаше храброст да понесе демократска, морална и политичка одговорност и ова говори за недостиг на почит на волјата на граѓаните од овој субјект. Нашиот поранешен владин партнер, во постојани напори да ги задскрие последователните порази, како и да создаде секојдневни скандалозни лажни вести, бесрамно ја имплицира Тирана и Приштина и другите партии во нивниот дефетистички и разочарувачки приказни. Слично постапија и при создавањето на приказната за „Тиранската платформа”, давајќи ѝ аргументи на македонската опозиција, нивниот идеолошки партнер. Скандалозните наводи на Таравари и ДР во ДПА за вмешување на „странските фактори” и барањето на спас од следниот пораз од другите фактори, другите партии и лажните вести за да се урне сѐ што е постигнато ќе бидат казнети од граѓаните, вели во соопштението ДУИ.