Трамп навести дека ќе се кандидира за претседател

6

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп навести дека може да влезе во претседателската трка по трет пат, велејќи, на собирот организиран од поранешни членови на неговата администрација, дека неговиот обид за импичмент и истрагата за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, биле дизајнирани за да биде спречен во тоа.

„Тие сакаат да ви наштетат, но всушност сакаат да ми наштетат мене за да не работам повторно за вас… Мислам дека нема да успеат во тоа“, им рече Трамп на своите поддржувачи, кои повикаа: „Уште четири години!”

Трамп ова го изјави на собирот на Политичкиот институт Америка на прво место во Вашингтон, со што ја оствари својата прва посета на главниот град откако ја напушти функцијата во јануари 2021 година. Според медиумите, поранешниот претседател може во септември да објави дека влегува во трета претседателска кампања. Иако тоа официјално не го соопшти, во својот говор навести дека не планира да оди во политичка анонимност.

Наместо тоа, тој истакна дека чувствува дека мора да се ангажира и покрај она што го нарече „прогон“ од претседателката на Конгресот Ненси Пелоси, демократите и комисијата што го истражува упадот во Капитол. „Да се заклучев дома и само мирно да гледав, прогонството на Доналд Трамп ќе престанеше во истиот момент“, рече тој. „Но, нема да го сторам тоа… Морам да ја спасам нашата земја“.

За време на говорот, Трамп ги нарече членовите на комисијата „насилници“ и ги повтори неоснованите тврдења дека победил на претседателските избори во 2020 година.

„Секогаш велам дека се кандидирав првиот пат и победив. А потоа се кандидирав и втор пат и поминав уште подобро“, рече Трамп. „Но, можеби ќе треба да го повториме тоа. Мора да ја поправиме нашата земја“, додаде тој.