Трамп се обрати по иранскиот напад, веднаш се закани и најави санкции (ВИДЕО)

4

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД веднаш ќе воведат нови санкции против Иран како одговор на синоќешниот ракетен напад врз две американски бази во Ирак.

Трамп во обраќањето до нацијата кажа дека тие „моќни санкции“ ќе останат на сила сѐ додека Иран не се откаже од нуклеарните амбиции и не престане да поддржува тероризам.

Претседателот на САД кажа дека ќе побара од НАТО повеќе да се ангажира на Блискиот Исток.

Трамп кажа дека ниеден американски војник не е повреден при нападот на Иран врз двете американски бази во Ирак, но и дека е причинета материјална штета.

„Немаме последици. Нашите војници се на безбедно и причинета е само минимална штета на нашите воени бази“, кажа Трамп.

Според него, американските сили се спремни на сѐ, но дека засега изгледа дека Иран се повлекува.

„Изгледа дека Иран се повлекува, што е добро за сите страни и многу добра работа за светот“, кажа Трамп.

Тој истакна дека сѐ додека тој е претседател, на Иран никогаш нема да му биде дозволено да има нуклеарно оружје.

„Ќе мора сите заедно да работиме и да направиме договор со Иран за светот да биде побезбедно и помирно место“, кажа Трамп.

Додаде и дека откако ја презел претседателската функција, САД станале енергетски независни.

„Ние сме водечкиот произведувач на нафта и природен гас во светот. Независни сме и не ни треба нафтата од Блискиот Исток“, кажа Трамп.

По обраќањето до нацијата американскиот претседател не одговараше на новинарски прашања, но испрати порака до граѓаните на Иран во која им посака блескава иднина.

„Сакаме да имате блескава иднина каква што заслужувате. Просперитет дома и согласност со народите на светот. САД се спремни да прифатат мир со сите што го бараат“, кажа Трамп на крајот.