Угостителите се за почитување на протоколите и укинување на ограничувањето на работното време

17

Независната угостителска комора смета дека секоја одлука на властите поврзани со пандемијата во однос на ограничување на работното време на угостителските објекти кое е утврдено согласно Законот за угостителска дејност е неуставно. Уставниот суд и покрај барањето за времена мерка на поднесената иницијатива за уставноста и законитоста поднесена од Независната угостителска комора нема да ја разгледува на својата прва седница годинава закажана за 21 јануари.

„Никој не спори ниту се противи на постоењето на протоколи и препораки за работа на угостителски објекти во услови на глобална пандемија ковид-19. И наместо министерот Венко Филипче да ветува дека ќе го разгледува нашето оправдано барање за укинување на ограничувањето на работното време, предлагаме сите одлуки со кои се ограничува работното време утврдено со закон веднаш да се укинат, а Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да предложат унапредување на постојните препораки и протоколи и да се задолжат да изготват унифицирани и стратешки препораки и протоколи за работа на целокупната угостителска индустрија во 2021 година“, бара Независната угостителска комора и додава дека Владата преку Министерството за економија и Министерството за финансии во целост ќе ја преземат обврската и одговорноста за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата ковид-19 и ќе креираат безусловни посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош на угостителите.

НУК бара безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до официјално завршување на пандемијата ковид-19. Директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани. Се бара безусловна достапност на угостителската дејност со долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста. НУК смета дека треба да се изедначи ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10% на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти. Угостителите бараат и одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителската индустрија, односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со грејс период или наплата по завршување на пандемијата ковид-19.