Филипче за измените во Законот за лекови: „Фајзер“ бара без посредници да аплицира за регистрација на вакцината

69

Измените во Законот за лекови се прават по барање од компанијата „Фајзер“ за да можат вакцината против ковид-19 да ја увезуваат директно тие, а не да мора да склучуваат договори со локални компании. Тие всушност бараат директно да аплицираат до надлежните институции во земјата увозник за регистрација.

Вака министерот за здравство Венко Филипче ја објасни причината зошто за увоз на вакцините од „Фајзер“, од кои првите 8 000 ќе ги добиеме од Србија, а потоа и за останатите 800 000 што сме ги нарачале, мора да се менува Законот за лекови.

Но, тој вели дека нашата земја не е уникатен пример за вакво барање од „Фајзер“, туку тоа е нивен принцип на глобално нив.

Од друга страна вели дека дури и со ова нема пречка вакцините да стигнат во земјава, бидејќи постојат други процедури, како што е интервентен увоз, што значи дека не се прави регистрација на лекот, во случајов вакцината.

„Но и за тоа се потребни документи кои сега српските власти ги чекаат од „Фајзер“ за да можат со интервентен увоз да дојдат вакцините во земјата. Овој производ не можел досега д абиде регистриран тука, бидејќи не постоел, односно тој е нов“, вели Филипче.

Гаранција за безбедноста на вакцината, пак, за нас ќе бидат конторолите од меѓународните лаборатории и оние во земјата производител, од двете најзначајни агенции за лекови, американската и европската, иако како што рече Филипче, ние предност даваме на европските лаборатории и се што е одобрено кај нив, доаѓаа предвид да се користи и кај нас.

Тој повтори дека се во постојана комуникација со претставништвото на „Фајзер“ во Белград и со седиштето на компанијата во Њујорк за да се добијат потребните документи.

Филипче се заблагодари на понудата од премиерката на Србија македонските граѓани да се вакцинираат таму, истакнувајќи дека нашите институции се способни да го спроведат процесот на имунизација.