Филипче: Нема нови случаи на коронавирус, се тестираат двајца лекари кои биле на конгрес во Мадрид

8

Во текот на викендот во земјава пристигнале десетина автобуси преку граничниот премин Табановце, а во петокот слетаа два авиони од Северна Италија, на аеродромите во Скопје и во Охрид, но нема податок дека меѓу патниците има заболен од коронавирус, како ни дека некој бил во контакт со заболено лице во Северна Италија, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На прес-конференција во Владата Филипче кажа дека двајца лекари од Македонија биле на конгрес во Мадрид, а таму било потврдено дека еден од предавачите бил позитивен на коронавирус.

„Докторите касно во саботата стигнале во земјава, но вчера немале контакт со повеќе луѓе. Денеска ќе бидат тестирани на клиника за инфективни, а после ќе препорачаме 14-дневен домашен карантин. Тие велат дека немале контакт со тој предавач ни со друг заболен. Сметаме дека е исклучително мал ризикот тие да се заразени, а уште помалку преносители, но за секој случај овие мерки ги препорачуваме“, изјави Филипче, додавајќи дека будно се следи состојбата.

Од комуникацијата со Светска здравствена организација, кажа дека имаат информација за вкупно 2.156 заболени во Европа, а на списокот како нови земји со заразени лица од коронавирус се Ерменија, Ирска и Чешка.

За евентуалната промена на досега преземените мерки, министерот Филипче вели дека во овој момент нема потреба од порадикални мерки, дека во фокусот и натаму се луѓето кои престојувале во Северна Италија и луѓето кои биле во контакт со нив.

Во однос на увидот во работата на аптеките и наводното зголемување на цените на превентивните средства против коронавирусот, Филипче рече дека од досегашниот увид, кој не е завршен, може да се заклучи дека немало злоупотреба.

За средствата за хигиена по училиштата, министерот вели дека во тек е итна тендерска постапка во вредност од 3 милиони денари, дека денеска се отвораат понудите и од утре веќе ќе може да се врши дистрибуција на средствата за лична хигиена по образовните институции.