ФК Вардар се раздели со тренерот Васоски

44

Фудбалскиот клуб Вардар објави дека се раздели со тренерот Александар Васоски. Васоски ја превзеде улогата шеф на стручен штаб во 2018 година, и успеа на тимот да му донесе титула во минатиот шампионат.

Во есенскиот дел од новата сезона, Вардар заврши на 5. место со 25 бодови, а главно настапуваше со младински тим.

„Фудбалскиот клуб Вардар му се заблагодарува на Васоски за неговиот придонес во клубот, кој беше несебичен, професионален и максимално коректен. Од тимот направи шампион, а што е најважно, афирмираше млади фудбалери кои ќе бидат иднината на македонскиот фудбал.

Му благодариме за минатосезонската титула, која беше плод на многу работа, на многу единство во екипата, и за која дефинитивно има голем придонес.

Му благодариме што успеа во овие тешки моменти за нашиот клуб, да собере сила и да го води тимот кон есенскиот дел од оваа сезона. И тоа да го направи со успех, знаејќи во каква ситуација се наоѓа Вардар, да создаде победнички менталитет, да направи добри фудбалери од овие млади момчиња, и пред се личности.“, стои на официјалната страница на ФК Вардар.

Васоски во минатото беше дел од Вардар и како играч, а потоа замина во Германија, каде играше со успех во Ајнтрахт Франфкурт.