(ФОТО) Оглас со потпис од директорот Јани Макрадули за вработување на 280 пошторазнесувачи

807

„Македонска пошта“ објави оглас потпишан од новиот генерален директор Јани Макрадули за вработување на неопределено време 280 пошторазнесувачи.

Не е прецизирано дали во овие нови 280 вработувања ќе бидат примени сосема нови вработени, или истиот е наменет за веќе ангажирани лица во некоја друга форма од страна на акционерското друштво во државна сосптвеност.

За ова реагираше и опозицискиот пратеник Антонијо Милошоски, кој вели дека ова е огромна бројка за претпријатие кое изминатиот период влезе во долгови а државата размислува да го даде на продажба.

„Стопанството ќе плаќа нови непотребни вработувања. Заради пречестото добивање на многу датуми одеднаш, кои ЕУ, Брисел, Софија и Париз почнале на Заев да му ги праќаат како препорачани писма, “богатата и незадолжена” Македонска Пошта распиша оглас за вработување на 280 пошторазнесувачи.
Нето плата е 17.656 денари, што значи бруто е 26.000 денари, а за буџетот тоа ќе значат нови 120.000 евра месечни расходи. Трошокот од овие 280 вработувања само за следната 2021 година државата ја чини 1.440.000 евра, пари на даночните обврзници.
Во момент кога стопанството е на колена, многу болници се без амбулантни возила, и многу училишта имаат суштинска потреба за реновирање, ваквата одлука на Заев и Макрадули е економски штетна и неодговорна“, напиша Милошоски на Фејсбук.