Хаос во Иран: Мистериозен напад на нуклеарна постројка, зад инцидентот стои моќниот „Мосад“?

15

Првиот човек на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи изјави дека Техеран го задржува правото да преземе акции против сторителот на „терористичкиот“ напад на нуклеарната постројка, додека пак истовремено израелското јавно радио „Кан“ објави дека зад нападот стои една од најмоќните разузнавачки служби на светот – израелски „Мосад“.

Салехи порача дека меѓународната заедница и Меѓународната агенција за атомска енергија мора да се справат со „нуклеарниот тероризам“ и порача дека „Иран има право да преземе акции против сторителите“.

„За да им се спротиставиме на целите на оние кои што стојат зад терористичкиот напад, Иран од една страна ќе ја унапреди својата нуклеарна технологија, а од друга страна, ќе ги укине американските санкции“, порача Салехи.

Израелското радио, повикувајќи се на неименувани извори од разузнавачките кругови, објави дека израелската разузнавачка служба „Мосад“ го извела сајбер нападот на иранската постројка, а штетата во нуклеарниот комплекс е многу поголема од тоа што го признаа властите од Техеран.

Израелските власти одбија да дадат коментар во врска со овие информации, но за разлика од претходните случаи, овојпат не забранија медиумско известување за случајот.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху изјави дека „борбата против Иран, нивните сојузници и вооружувањето кое го спроведува Техеран е огромна мисија“.

„Ситуацијата која ја имаме денеска нема да наликува на таа која ќе ја имаме утре“, изјави Нетанјаху.

Несреќата во „Натанц“ се случи само еден ден подоцна откако Иран на националниот Ден на нуклеарната технологија во оваа постројка ги пушти во погон напредните центрифуги за збогатување на ураниум.