„Хомо“ во официјалната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси

4

Франција– Играниот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов-Изи е избран во официјалната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, еден од најголемите филмски фестивали во францускиот регион Гранд Ест.

Како што јави дописникот на МИА, „Хомо“ е селектиран во најпрестижната и најпосетената официјална селекција на фестивалот – „Под ѕвездите“ i ќе биде прикажан под отворено небо и во една од најдобрите киносали во Франција – „Камео“.

„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов-Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, а монтажата на Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум филм, Словенија).

Во актерската екипа се: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски – кој дебитираше на долгометражен филм, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.

Филмот „Хомо“ е во доминантна македонска продукција на „Скопје филм студио“, покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а проектот поддршка доби од Национален филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовски центар за кинематографија и од Словенечки филмски центар.

Македонскиот филм стана вистински амбасадор на македонската култура во Франција. Тоа го потврдува комерцијалното прикажување на два наши филма во француските киносали – „Господ постои, името му е Петрунија“ и „Медена земја“.

Меѓународниот филмски фестивал во Нанси е еден од најголемите во регионот Гранд Ест (Источна Франција) и можеби еден од единствените во светот каде што во изминатите дваесетина години редовно се селектирани македонски филмови или македонски копродукции кои се претставувани пред француската публика. Многу од нив се вратија од Нанси и со награди.

Од 2013 година, претседател на фестивалот и генерален делгат (уметнички директор) е македонско-францускиот новинар Тони Гламчевски, дописник на МИА и МРТ од Франција.

Дваесет и седмото издание на МФФ-Нанси ќе се одржува од 28 август до 6 септември со над 150 краткометражни и долгометражни филмови и над сто проекции. Минатата година беше еден од ретките фестивали во Франција и во светот кои се одржаа физички, со публика во салите и со почитување на санитарните мерки.

Воспитно-образовната екипа на филмскиот фестивал од Нанси, во соработка со Центарот за култура на Битола, Францускиот институт Скопје, Француската Алијанса и Конзулат од Битола и со финансиска поддршка од францускиот град Епинал, збратимен со Битола, во 2019 го одржаа првото издание на фестивалот на Малата школа за краток филм во Битола. Минатата година фестивалот не дојде во земјава поради пандемијата, но се е подготвено за неговото второ издание оваа есен, ако дозволуваат здравствените услови.