Шефот на дипломатијата Османи во Данска

4

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој е на европска турнеја во неколку европски метрополи како дел од пошироката дипломатска активност за актуализација на европското досие на земјава пред земјите-членки на ЕУ, денеска ќе престојува во Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод. Вчера Османи во Берлин имаше, меѓу другото, средба со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Мас по средбата со Османи изјави дека германската влада смета дека спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да остане на билатерално ниво и да го решаваат експерти, без притисоци од надвор.

Тој не гледа причина во решавањето на спорот да се вклучуваат трети страни, но вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство. Мас уште еднаш ја истакна поддршката на Берлин за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ „што е можно побрзо“. Дипломатската турнеја на Османи утре продолжува со работната посета на Стокхолм каде што ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде. Турнејата на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Северна Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите се европското досие на земјава и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.