„Шпигел“: Германското разузнавање загрижено поради загубите на украинската армија во Бахмут

8

 

Германската разузнавачка служба е вознемирена од загубите што ги трпи украинската армија во битките против руските сили за контрола на градот Бахмут во источна Украина, објави магазинот „Шпигел“.

Украинската армија губи трицифрен број војници секој ден, им соопштиле претставници на разузнавачката служба БНД на група пратеници во Бундестагот на тајниот состанок одржан седмицава, пишува „Шпигел“, повикувајќи се на разузнавачки информации.

БНД предупредила дека заземањето на Бахмут од руските сили ќе има значителни последици бидејќи ќе и овозможи на Русија да продолжи да напредува. Според службата, руската армија користи свои војници како топовско месо во Бахмут, додава „Шпигел“.

Германското издание се осврнува и на ситуацијата во Москва, по извештаите за распоредување на ПВО системи низ градот.

Кремљ не го коментира прашањето.

„По тоа прашање, би ве упатил до Министерството за одбрана“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашање на новинарите. Министерството е одговорно за сите прашања поврзани со безбедноста, рече тој.

Доцна синоќа на различни интернет-портали се појавија фотографии од противвоздушните системи „Панцир-С“ разместени низ Москва. Автентичноста на фотографиите не е официјално потврдена.