Што е забрането, а што дозволено за време на гласањето?

28

Со помош на важечка лична карта или патна исправа (пасош), секој полноправен граѓанин кој е запишан во избирачкиот список има право на глас на денешните парламентарни избори. При гласањето треба да се присуствува лично и освен овие два документи за индентификација, не се признаваат други документи, како возачка дозвола, студентска или ученичка легитимација или пак, здравствена книшка.

Забрането е семејно и групно гласање или гласање во име на друг бидејќи со тоа се нарушува тајноста на гласањето и претставува кривично дело. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.

Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на физичко лице што гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.

Неписмените лица или оние со физички хендикеп кои се наоѓаат во Избирачкиот список, тие гласаат со оставање на отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од Избирачкиот список. Тие имаат право со себе да повикаат лице што ќе им помогне при гласањето.

Не смее да гласа избирач што ќе одбие да се потпише во Избирачкиот список.

Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата на кандидати, и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Доколку гласачот погреши, нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.

Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач, освен во случај кога на гласачот му е потребна помош.