Што е 25-тиот климатски самит на ООН и зошто е важен?

16

Што е климатскиот самит КОП25?

Конференцијата на страните (Conference of the Parties, COP) – жаргон на Обединетите нации за годишниот состанок на скоро 200 земји на кој се разговара за меѓународната акција за климатските промени. Се очекува околу 25.000 луѓе да се вклучат во разговорите, кои почнуваат денес.

Каде се случува?

Одбирањето на домаќинот беше малку хаотично. Прво тоа беше Бразил, кој подоцна се премисли. Тогаш во игра влезе Чиле, но поради социјалните немири во Сантијаго конференцијата во пет до дванаесет се пресели во Мадрид. Двонеделниот самит почнува на фонот на големиот климатски интерес на изборите во Велика Британија, како и предупредувањата на ООН дека изминатава деценија глобалните емисии во просек се искачиле за 1,5% годишно.

Кој оди?

Околу 30 шефови на држави и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш. Климатската активистка Грета Тунберг е упатена натаму со катамаран по Атлантикот, бидејќи не сакаше да се врати со авион од САД, каде што одржа страстен и на моменти гневен говор на климатскиот самит на ООН во септември.

Која е целта на разговорите?

Тие главно се вовед во 2020 година, најважната година за глобалните климатски напори откако беше постигнат Парискиот договор во 2015 година. Од земјите за прв пат се очекува да ги ажурираат своите планови за спречување на јаглеродните емисии и потенцијално да ги изложат своите долгорочни планови за достигнување нула емисии, пред клучниот самит во Глазгов следната година, КОП26. Во меѓувреме, разговорите во Мадрид треба да ги решат вонредните прашања во врска со правилата на Парискиот договор.

Како на пример?

Во голема мера технички работи – но технички работи што ќе имаат вистински ефекти. Едно тешко прашање е како ќе функционира меѓународното тргување со јаглерод меѓу земјите, познато како Член 6. Тука клучот е со правилата да се избегне двојно броење на јаглеродните кредити (трговска дозвола што го претставува правото да се емитува еден тон јаглерод диоксид или еквивалентно количество од друг стакленички гас). Мадрид, исто така, треба да ги усогласи временските рокови и да ги уточни деталите за тоа кога земјите треба да ги достават своите планови за јаглерод во 2020 година. „Очигледно е подобро ако може да се доформализира, да се разјаснат очекувањата, тоа би било навистина позитивен сигнал. Не е некоја апсолутна катастрофа ако не го направат тоа“, вели Шејн Томлинсон од аналитичкиот институт E3Г.

Какви се очекувањата?

Расположението за КОП25 е на ниско ниво. Ова е делумно затоа што самитот на ООН што Гутереш го организираше во Њујорк во септември не успеа да катализира некаква значајна нова акција на светските лидери. „Самитот на ООН за климатските услови не успеа да ги ангажира поголемите економии, тој беше разочарувачки“, вели Моника Араја, поранешен климатски преговарач за Костарика. Надежта е дека, во време кога САД почнуваат официјално да се повлекуваат од Парискиот договор, земјите ќе ја потврдат својата посветеност кон рамката што ја постави договорот. „Мислам дека КОП25 може да биде успешна, дека ќе го стори тоа за што владите се согласија во Париз“, вели Араја.

Кои се клучните играчи?

САД одиграа значајна лидерска улога во периодот пред Париз, која продолжи сè додека Доналд Трамп не стана претседател. Араја гледа лидерство во малите економии, како што е Нов Зеланд, кој неодамна донесе закон за постигнување нето нула-загадување до 2050 година. Но центарот на вниманието е на Кина и ЕУ.

Зошто тие се толку важни?

Земјите-членки на ЕУ би можеле да постигнат договор за нето-нула 2050 на претпоследниот ден на КОП25. Се очекува ЕУ и Кина на заедничкиот самит следниот септември да ги соопштат своите поамбициозни планови за јаглеродот, слично на влијателниот потег на САД и Кина пред самитот во Париз во 2015 година. Но меѓу Кина и ЕУ се разгореа тензии околу неодамнешните предлози на Унијата за „данок на јаглеродна граница“, што може да ги искомплицира работите.

Нешто друго важно?

Треба да посветиме внимание на Бразил, особено во дебатите околу Членот 6. Иако се одржуваат во Мадрид, Чиле сепак е технички домаќин на разговорите, што значи дека ќе бидат истакнувани прашањата што се значајни за Латинска Америка.

А што е со Британија, каде што се води изборна кампања?

Обично земјата што ќе биде нареден домаќин на климатските разговори (во случајов, Велика Британија, и Италија во Глазгов следната година) има гласна улога. Но британските министри нема многу да кажат поради тоа што се пред избори, правило што престанува да важи дури на последниот ден на КОП25. „Велика Британија ќе биде многу помалку видлива за време на КОП25 отколку што очекувате за иден домаќин“, вели Томлинсон.