Ќе има дневен престој во школите, се отвораат и игротеките, одлучи Владата

56

Владата одобри да има дневен престој во училиштата кои од задутре ќе почнат со настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија, стои во одлуката од денешната седница донесена по препорака на Комисијата за заразни болести.

На 1 октомври со физичка настава почнуваат учениците од прво до трето одделение и училишта за кои даде дозвола Комисијата за заразни болести. Според последните информации од училиштата, согласно препораките, учениците беа поделени по групи со максимум 15 ученици во една група и настава ќе посетуваат во смени.

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да почнат со работа дневните центри за лица со попреченост со стриктно почитување на мерките и веќе усвоениот протоколот за работа на дневните центри во услови на епидемија со ковид-19.

На предлог на Комисијата, Владата денеска го усвои предложениот протокол и препорача почнување со организација за снимање долгометражни филмови, со почитување на мерките за спречување на ширење на ковид-19 инфекцијата.

На денешната седница е усвоен и протоколот за работа на игротеките во услови на епидемија со ковид-19 и препорачано е строго почитување на мерките за спречување на ширење на коронавирусот и усвоениот протокол при вршење на дејноста. Одговорноста за целосно спроведување на одредбите од протоколот е обврска на вршителите на дејноста.

Владата денеска го разреши Роберт Алаѓозовски од должноста Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка и го именуваше за Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, а Роберт Поповски е именуван за Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност.

На почетокот на седницата, министрите потпишаа Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата, а задолжен за спроведување на Кодексот е вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.