Ќе стигнат за време на летото: Сè за ковид пасошите

23

Владите ширум светот се свртуваат кон таканаречените „ковид пасоши“ како безбеден начин за рестартирање на меѓународни патувања или деловни активности кои бараат контакт со луѓе или големи собири.

Одлуката за воведување на ковид пасоши беше донесена на самитот на европските лидери кон крајот на февруари, а Европската комисија предложи „дигитален зелен сертификат“ на почетокот на овој месец, да им се издава на оние кои закрепнуваат од ковид, кои неодамна добиле негативен тест, или биле вакцинирани со одобрена вакцина од страна на Европската медицинска агенција (ЕМА).

Засега се четири од нив – „Фајзер/Бионтек“, „Moдерна“, „AстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“. За „Спутник V“, постои постапка која е во тек да биде одобрена од европското регулаторно медицинско тело, додека „Синофарм“ сè уште не ја достигнала таа точка.

Оние кои немаат доказ за вакцинација, ќе мора да имаат податоци за негативен ПЦР тест при влегување во одредена земја, па дури и да одат во карантин, ако тоа го бара таа земја, или доказ за присуство на антитела во случај болеста да е прележана.

Тиери Бретон, европски комесар задолжен за вакцини, откри како ќе изгледа првиот европски „здравствен пасош“ и посочи дека имплементацијата на документот е планирана за јуни, со цел да бидат навреме за летната сезона и да овозможат безбедно и неограничено движење за време на пандемијата, известува Schengenvisainfo.com.

Како што наведе Европската комисија на својата веб-страница, дигиталниот зелен сертификат ќе опфаќа три типа на сертификати – потврда за вакцинација, потврда за тест (NAAT / RT-PCR или брз тест за антигени) и потврди за лица кои прележале ковид.

Сертификатите ќе се издаваат во дигитална или хартиена форма.

Дигиталната верзија на пасошот ќе ги содржи следниве податоци: QR-код, земја на потекло и податоци за (не) вакцинирање.

Верзијата во хартија ќе содржи лични детали како име и презиме, датум на раѓање и број на пасош заверен со QR код, со детали за тоа дали сте биле вакцинирани и дали сте биле носители на инфекцијата. Оние кои не биле вакцинирани или не прележале ковид, ќе треба да направат PCR-тест, чиј статус ќе може да се види.

Дигиталниот зелен сертификат ќе важи во сите земји-членки на ЕУ и ќе биде отворен за Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Документот е наменет за издавање на граѓаните на ЕУ и нивните семејства, без оглед на националноста, како што посочи ЕК.

Исто така, треба да им се издаде и на лица кои не се државјани на ЕУ, кои престојуваат во ЕУ, или се посетители кои имаат право да патуваат во други земји-членки.

Иако ЕМА одобри само четири вакцини за издавање сертификат, правилата на ЕУ овозможуваат на одделните членки да ги одобрат оние вакцини што сакаат, во согласност со нивните потреби. Некои источноевропски земји, како Унгарија, веќе го сторија тоа.

На веб-страницата на Комисијата е наведено и дека издавањето на сертификатот е привремена мерка, која ќе биде суспендирана откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи крај на меѓународната здравствена криза во врска со „ковид-19“.