Ќучук до Заев: Се надевам дека ќе биде обновен дијалогот со новата бугарска влада

13

Обновување на довербата и добрососедските односи со Република Бугарија и процесот на европска интеграција беше во фокусот на работната посета на постојаниот известувач на ЕП за Северна Македонија и копретседавачот на АЛДЕ, Илхан Ќучук на Република Северна Македонија.

– Силно се надевам дека дијалогот со новата бугарска влада ќе биде обновен што е можно поскоро. Двете страни се посветени на заеднички напори и изнаоѓање заеднички јазик, поради сегашната ситуација, најголеми губитници се граѓаните на Република Бугарија и Република Северна Македонија. Во меѓувреме, не смееме да престанеме да промовираме добри примери, бидејќи тие ќе бидат основа за градење добрососедски односи, истакна тој на средба со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

Од своја страна, премиерот Заев исто така се со согласи дека треба да продолжиме да ја поддржуваме соработката што е изградена на медиумско, универзитетско и бизнис ниво во последниве месеци, бидејќи добрите примери ги доближуваат нашите народи и ги елиминираат националистичките линии.

Копретседавачот на партијата АЛДЕ посочи неколку примери кои се доказ за успешните заеднички иницијативи меѓу двете земји, меѓу кои и натпреварот „Македонија и Бугарија – блиското и далечното”, што се одржува под покровителство на Ќучук за што планира да вклучи и бугарски и македонски студенти. Друг пример за соработка помеѓу двете земји е договорот потпишан оваа година за размена на информации помеѓу БТА и Информативната агенција за медиуми на Република Северна Македонија (МИА). Во септември, доаѓа и состанокот „Време за разговор”, организиран од БТА со поддршка на европратеникот. Настанот ќе се одржи од 20 до 23 септември во Софија и Велико Трново, а ќе присуствуваат Оливер Вархеји – еврокомесар за соседство и проширување, премиер на Република Северна Македонија Зоран Заев, проф. Владо Бучковски – специјален претставник на Република Северна Македонија за Бугарија, Н.В Цар Симеон Втори и други.

За време на посетата, Ќучук се сретна и со вицепремиерот Артан Груби, вицепремиерот Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и лидерот на партијата Дуи, Али Ахмети.