Џафери за Адеми: Не можам да ги врзам пратениците, ако си седат на место ќе нема инциденти

14

Инцидентот на Комисијата за европски прашања му го припишаа на Арбер Адеми, инцидентот го предизвикаа тие коишто отидоа до говорницата. Пораката е да не се повтори. Ако секој си седи на своето место ќе нема инциденти, рече на брифинг со новинарите претседателот на собранието Талат Џафери и порача јавноста да ја изгледа целата снимка за да има увид кој го испровоцирал претседателот на Комисијата за тој да фрла со филџани, тацни и шишиња по опозициските пратеници.

-Не оправдувам ништо. Не оправдувам таков чин. Тоа никако не е добро. Но јас како претседател на Собранието немам надлежност да влијаам и да интервенирам. Претседателот на комисијата е надлежен за редот на комисиската седница, а обезбедувањето не може да интервенира додека не биде повикано. Треба да се гледа целата снимка и да се види дека Адеми бил испровоциран, дали со лична навреда, јас не знам и нема да оценувам. Не е во ред целата вина да падне врз Адеми. Но кога се гледа целината, јасно е. Јас не можам да ги врзам пратениците или да ги апсам за да не излегуваат пред говорница – рече Џафери.