Џафери: Ќе продолжиме да разговараме за измени или за нов Деловник за работа на Собранието

30

Во Собранието наскоро се очекува да се формира работна група чија цел ќе бидат измени и дополнувања или нов Деловник за работа на законодавниот дом. Претседателот на Собранието Талат Џафери, во интервју за МИА истакна дека тој деновиве ги завршил комуникациите со сите пратеници и пратенички групи и оти добил предлози од сите пратенички групи за учество во работната група за продолжување на процесот Жан Моне.

– Идејата ни е тој процес поради пандемијата да го отпочнеме сами овде ние, без физичко присуство и надгледување од европратениците и периодично колегијално да ги информираме за напредокот евентуален по кој одиме. Можам да кажам дека таму се вклучени сите, истакна Џафери.

Претседателот на законодавниот дом вели дека во овие разговори ќе бидат опфатени сите прашања што се отворија со новиот состав на Собранието, како на пример одржувањето на конститутивната седница. Некои прашања поврзани со измените на Деловникот се веќе затворени во претходниот мандат во рамки на Жан Моне процесот.