18-Годишник уби 19 деца и двајца возрасни во основно училиште во Тексас

12

Деветнаесет деца и двајца возрасни се убиени во пукањето во основно училиште во Тексас. Осумнаесетгодишниот напаѓач вооружен со пиштол и полуавтоматска пушка пукал во основното училиште „Роб“ во градот Увалде пред да биде убиен од полицијата.

Се верува дека тинејџерот ја убил баба му пред да го изврши масакрот, одејќи од училница во училница. Локалните медиуми објавија дека напаѓачот бил ученик во локално средно училиште, а гувернерот на Тексас, Грег Абот, го именуваше како Салвадор Рамос.

„Веруваме дека напаѓачот дејствувал сам“, соопшти полицијата на Увалде.

Едно од убиените возрасни лица е наставничка.

Речиси 600 деца на возраст од седум до десет години учат во доминантно хиспанското училиште, што се наоѓа 85 километри западно од Сан Антонио.

Двајца агенти на американската гранична патрола се ранети во размената на огнот со напаѓачот, но се во стабилна состојба. Локалната болница соопшти дека се примени 13 повредени деца, од кои 10-годишно девојче е во критична состојба, исто како и 66-годишна жена.

Сенаторот од Тексас, Роланд Гутиерес, изјави дека Рамос го најавил нападот на социјалните мрежи и дека оружјето со кое го извршил нападот го купил за својот 18. роденден.