Заврши вонредната состојба, утре почнува кампањата

Од денеска продолжуваат да течат изборните рокови, а утре и официјално започнува изборната кампања. За првпат во досегашната изборна практика таа ќе се реализира во поинакви услови.

40

Вчера заврши вонредната состојба во траење од осум дена што на 15-ти јуни ја прогласи претседателот на државата, Стево Пендаровски, а ја побара Владата заради спроведување на предвремените избори, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија. Со тоа, од денеска продолжуваат да течат изборните рокови, а според нив, од утре (24-ти јуни) и официјално започнува изборната кампања. За првпат во досегашната изборна практика таа ќе се реализира во посебни услови. Партиите веќе најавија дека во интерес на превентивата и здравјето на граѓаните нема да практикуваат митинзи и поголеми собири. Ќе имааат средби со граѓани но во помал обем, а изборните програми претежно ќе ги презентираат онлајн. Обраќањата до граѓаните ќе ги реализираат преку медиумите и социјалните мрежи. На овие избори учествуваат четири коалиции и 11 партии, а гласањето ќе се одвива три дена. На 13-ти јули ќе гласаат заразените со Ковид-19 кои се лекуваат дома и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. На 14-ти јули ќе гласаат изнемоштените и болни лица, а сите останати на главниот изборен ден 15-ти јули, кога гласањето ќе трае во продолжен рок – од 7 до 21 часот.

Додека терминот за гласање е продолжен, скратено е финансирањето на партиите во тековната година. На предлог на Министерството за правда Владата пред четири дена донесе Уредба за финансирање на политичките партии во 2020 година, со која четири милиони евра предвидени за партиите ќе останат во буџетот, а за партиите ќе преостанат нешто повеќе од милион евра кои ќе треба да биде распределени согласно со законските прописи.

Иако кампањата официјално почнува утре, неформално таа започна многу порано, со посета на партиските лидери на општини, со отворање изборни штабови, па се до меѓупартиски реакции и барање одговори и одговорност за содржината на разни аудио-бомби кои осамнуваат на Јутјуб, а се поврзани со случаи кои во јавноста ги добија имињата „Рекет 1“, „Рекет 2“ или 3…