Затворање на локалите и задолжителни маски- Се воведува вонредна состојба во Белград

32

Градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ, потврди дека денеска во Белград ќе биде прогласена вонредна состојба.

Воведени се три нови мерки – забрана за работа на ноќните клубови и сплавови по 11 часот, казна за неносење маски и забрана за собирање на повеќе од 100 лица во затворено (со растојание помеѓу луѓе од 1,5 метри).

На прашањето каква е неговата позиција како доктор, и каква е неговата позиција како градоначалник кога станува збор за затворање на Белград, д-р Радојичиќ изјави дека нема разлика .

– Нема разлика во мојот став како градоначалник и како доктор. Ние слушаме луѓе кои дефинираат мерки и кои се експерти. Тие рекоа дека во овој момент, врз основа на епидемиолошката состојба, не е потребно да се затвори Белград, но кога ќе оценат дека е неопходно да се спроведат некои други мерки, ние сме подготвени за тоа – изјави градоначалникот на Белград.

Тој додаде дека, иако повеќе од 80 проценти од вкупниот број на пациенти тестирани за вирусот корона биле вчера од Белград, „за среќа, нема толку многу од најтешките како што беа порано“.

– Сепак, има се повеќе и повеќе помлади луѓе кои се заразени и со потешка клиничка слика – посочи тој.

Воведувањето нови мерки за спречување на ширење на вирусот корона во Белград го најави синоќа претседателот Александар Вучиќ.

Ноќните клубови, сплавовите од 11 часот до 6 часот наутро, како и кафулињата, освен оние што имаат градина, ќе бидат затворени за две недели, како мерка за сузбивање на ширењето на вирусот корона, рече Вучиќ синоќа и најави казни за неносење маски во трговски центри и јавен градски и меѓуградски превоз, од 5.000 до 6.000 динари.

Овие мерки ќе ги донесе Владата на Србија, а доколку не бидат доволни, ќе има и други, најави Вучиќ.