Пораст на заразени од коронавирус во регионот, Европа ги заострува мерките

23

Короната продолжува да се шири во земјите од регионот и во Европа, а некои земји веќе воведуваат порестриктивни мерки.

Црна Гора се најде на незавидно прво место по бројот на новозаболени на 100.000 жители, односно најлоша во Европа, од почетокот на пандемијата на ковид-19.

Словенечката влада доцна синоќа и официјално прогласи епидемија на коронавирус на целата територија на земјата, што ќе трае 30 дена, почнувајќи од денеска. Ова значи дека националниот план за заштита и спасување е активиран, но не се објавени дополнителни ограничувачки мерки.

Хрватската Влада предупреди на колапс на здравствениот систем поради големиот број новозаразени. Во Хрватска, каде што бројот на заразени во последните три дена надминува 1.000, според последните податоци, во недела опаднал на 819 нови случаи и осум смртни случаи, а тестирани се нешто помалку од 5.000. Вчера , во Србија беа потврдени 214 нови случаи на коронавирус, на основа на 3.325 тестирани примероци, а две лица починаа. Ова е петти ден по ред во Србија како се регистрираат над 200 новозаболени лица.

Поради новите бранови од коронавирусот во Европа, земјите ги заоструваат мерките за спречување на ширењето на заразата. Властите од Шпанија до Британија спроведоа нови строги мерки во услови на зголемени инфекции. Париз и осум други француски градови воведоа полициски час од 21 часот до 6 часот наутро. Бројот на потврдени случаи се зголемува и во Германија.