(ФОТО) Од фирма за канабис во Струмица запленет над 1,5 тон марихуана вредна три милиони евра

2

Во двете акции за заплена на дрога, кои вчера ги објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, запленети се вкупно еден тон и 600 килограми марихуана, чија вредност се проценува на 3 200 000 евра.

Според деталите што денеска ги објави Спасовски, најголемиот дел од дрогата е запленет во фирма регистрирана за одгледување канабис за медицински цели во Струмица. Таму е запленет над еден и пол тон непријавена марихуана чија вредност е три милиони евра.

„Попрецизно 1 559,27 килограми, од кои 1 041,50 килограми сув цвет, 223,57 килограми сув лист и 294,30 килограми биомаса, што е спротивно на член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави“,изјави министерот за внатрешни работи.

Оваа акција ја спровеле полицајци од СВР Струмица заедно со Единицата за недозволена трговија со дрога при БЈБ, а во соработка со членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите за простор опрема и кадар за добивање лиценца за одгледување канабис.

Во исто време, во друга акција се запленети околу 50 килограми марихуана во вредност од 200 000 евра.

Дрогата била пронајдена исто така кај струмичани. Спакувана во три торби, марихуаната била откриена при претрес на возило во кое биле две лица – едно од струмичкото село Сачево и еден сопатник од Струмица. Возилото „шкода октавија“ било запрено на патот Охрид-Ресен кај селото Јанковец, по што по наредба од Основниот суд Ресен бил направен претресот.

Двете лица се приведени и против нив, како што најави Спасовски, ќе се поднесат кривични пријави до битолското обвинителство.