За проекти од областа на енергетиката 20 милиони долари од УСАИД

4

 

Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) ги покани заинтересираните страни да достават првични информации за потенцијалните проекти за учество во регионалниот проект за енергетски инвестиции.

Поддршката се однесува на проекти во Србија, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија, Гренланд, Косово, Молдавија, Северна Македонија, а можеби и во други земји од регионот каде што проектите би можеле директно или индиректно да имаат корист од претходно наведените корисници.

УСАИД планира да поддржи проекти кои се технички, економски и еколошки одржливи и да им помогне да допрат до потенцијални инвеститори и финансиски институции.

Целта на поканата испратена од УСАИД е да се земат предвид потенцијалните проекти за изработка на предфизибилити и физибилити студии, а оние за понатамошна евалуација ќе бидат избрани врз основа на конкурсот, се наведува во поканата.

Регионалниот проект „Инвестиции во енергетиката“ ќе се фокусира на подобрување на инвестицискиот потенцијал на еколошко производство, пренос и дистрибуција на топлинска и електрична енергија, на централизирани системи за греење, водоснабдување и канализација, како и на подобрување на енергетската ефикасност на станбените и деловните згради.

За овој проект УСАИД обезбеди 20 милиони долари.

Проектите ќе се избираат во соработка со меѓународни финансиски институции, банкарскиот сектор, инвеститори и корисници.

Минималниот износ на инвестиција во проектот е 10 милиони американски долари, со тоа што како посебни случаи ќе се разгледуваат и проекти под 10 милиони долари доколку има доволен интерес од меѓународни финансиски институции, се додава во поканата.