Во 16 часот пред Собранието ќе се развее знамето на НАТО

69

Веднаш по гласањето на протоколот за членство во НАТО во македонскиот парламент, денеска во 16 часот, пред највисокиот законодавен дом на јарболот ќе биде подигнато синото знаме на НАТО, на кое е белиот амблем кој претставува компас со четири бели линии. Знамето на НАТО е одобрено на 14 октомври 1953 година. Најмоќната организација во светот на крајот на минатата година во Лондон ја прослави својата 70-годишнина. Тогаш на јарболот за првпат се вееше и македонското знаме.

Веќе на сите им е јасно дека силата на оваа организација е во 5-от член од Северноатланскиот договор, каде пишува:

„Страните се согласија дека оружениот напад против една или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка ќе се смета за напад против сите и се договорија дека доколку се случи таков оружен напад…. секоја од нив – користејќи го правото на поединечна или колективна самоодбрана, како што е дадено во член 51 од Повелбата на Обединетите Нации, преземајќи поединечно и во соработка со другите страни, – акција што ќе одговра на потребите, вклучувајќи и употреба на оружени сили, заради возобновување и одржување на безбедноста во Северноатлантската област, да возвратат сите сложно“.

Поради предвремените парламентарни избори, Македонија денеска предвреме ќе го ратификува договорот за членство во НАТО. Македонското Собрание е подготвено за свечената седница, на која пратениците ќе го ратификуваат протоколот за членство во Северноатланската алијанса.

Собраниско сценарио во чест на НАТО

Пред почетокот на седницата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ќе оствари кратки поздравни средби со високите гости, претставникот на парламентарното собрание на НАТО Атила Местархази, кој пред пратениците и јавноста од собраниската говорница ќе се обрати откако ќе се изврши гласањето на протоколот за членство во Алијансата. Тука ќе бидат и претставниците на парламентите од соседните земји.

Во Македонија на овој свечен чин од Хрватска присутен ќе биде пратеникот и шефот на Хрватската делегација во ПС НАТО Мирослав Туѓман, потпретседастелката на албанскиоот парламент Василика Хуси, претседателката на националното собрание на Бугарија Цвета Карајанчева, потпретседателот на собранието на Црна Гора, Генци Ниманбегу. На седницата ќе се обратат шефот на државата Стево Пендаровски , премиерот Оливер Спасовски, а потоа и претставници на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митревски, на ДУИ, Али Ахмети, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Во име на Независната пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се обрати, Нола Исмајлоска Старов, на Алијанса на Албанците, Сурја Рашиди, на АЛТЕРНАТИВА, Африм Гаши. Во име на политичката партија БЕСА, Фадил Зендели, на Демократската Партија на Албанците, Мерал Ферати. Како домаќин на Законодавниот дом, последен ќе се обрати претседателот на Собранието.

Меѓу поканетите гости од земјава ќе бидат и претседателите на политичките партии на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Договорот за формирање на Северноатланската алијанса пред 70 години, на 4 апил 1949 година во Вашингтон го потпишаа: САД, Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Британија. Овие држави ја формираа Алијансата како одговор против политиките на Советскиот Сојуз. Во 1952 година членки на НАТО станаа Турција и Грција. Проширувањето на НАТО продолжи со членството на Германија (1955), Шпанија (1982), Чешка, Унгарија и Полска (1999), Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија (2004), Албанија и Хрватска (2009), како и со членството на Црна Гора во 2017 година. Покрај Македонија, исто така и Босна и Херцеговина, Грузија и Украина се земји кои сакаат да станат членки на НАТО.

Пред минатогодишниот Состанокот на претседатели на држави и влади на земјите членки на Алијансата, кој се одржа во Лондон, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави:

– Ние сега стоиме во ходникот каде претседателот Труман беше домаќин на потпишувањето на Северноатлантскиот договор во 1949 година Договор кој му донесе живот на НАТО – најуспешната Алијанса во историјата. Ние ги создадовме условите кои го донесоа крајот на ладната војна, без да биде испукан ниту еден куршум во Европа, Берлинскиот зид да падне и да се рашири слободата низ Централна и Источна Европа. Но исто така донесовме и крај на крвопролевањето на Балканот. Ние се боревме и со тероризмот од Авганистан до Ирак. И денска ние продолжуваме да штитиме блиску еден билион граѓани во нашите 29, уште малку 30 нации и членки.

И покрај денешната ратификација, официјално 30-та членка на НАТО ќе станеме откако и шпанскиот Парламент ќе го ратификува протоколот, некаде после 20 март. Меѓу критериумите што ги бара НАТО, а кои Македонија ги исполнува, се земјата да се наоѓа во Европа, да биде администрирана со демократија и да има капацитет и желба да придонесе во безбедноста на евроатлантската зона. Неодамна министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече:

-Првпат нема да дозволиме некој друг да дискутира за нас, туку ние ќе седнеме на масата, на која се носат одлуки кои имаат важност во светски рамки.

Северноатланската алијанса или НАТО е создадена пред Втората светска војна за да го сочува мирот во Европа и меѓу државите членки и да ја чува слободата.