Австралија купува 220 ракети „Томахавк“ од САД

5

Австралија соопшти дека договорот за купување 220 американски крстосувачки ракети „Томахавк“ е од суштинско значење за држење на „противниците на растојание“, додека Канбера ги зголемува трошоците за одбрана за да се спротивстави на растечката воена моќ на Кина.

Министерот за одбранбена индустрија Пат Конрој изјави дека моќното оружје со долг дострел прво ќе биде распоредено на постоечките бродови, а подоцна и на новата флота подморници на нуклеарен погон.

Агенцијата на Пентагон ја објави продажбата вчера и ја процени вредноста на договорот на 895 милиони долари.

Оружјето и дава на Австралија голем арсенал за напад на непријателите од  повеќе од 1.000 километри оддалеченост, нешто за што експертите велат дека е значајно одвраќање за секој потенцијален противник.

„Ракетите со долг дострел се во фојусот на посветеноста на оваа Влада што се однесува до опремувањето на австралиските одбранбени сили, нашата национална безбедност и нашите одбранбени интереси, држејќи ги противниците подалеку“, рече Конрој.