Ако декемвриските киловати отишле во јануарската сметка, тие се по нова цена

3

Ако ви натплатиле повеќе киловат-часови во декември по старата цена, помалку ќе платите во јануари по новата, но ако е обратно, во јануари ќе ги платите и декемвриските киловати по новата цена.

На социјалните мрежи не стивнуваат реакциите од граѓаните, кои тврдат дека добиле невообичаено високи сметки за струја. Се фотографираат сметки над 10.000 денари, се реагира дека е добиено значително повисока сметка од вообичаената, се бараат објаснувања зошто ова се случува.

Меѓу оние што бурно реагираа е и актерката Весна Бејби Петрушевска, која откако ѝ падна возилото во Вардар, стана дел од рекламата на ЕВН во која таа нурка во реката за да ги земе од возилото фактурите што треба да ги плати. Револтирана од сметките што ги добила, Петрушевска порачува дека сега таа ќе се фрли во Вардар, па ЕВН нека ја вади.

– Слушам се жалите поради сметките за струја. Да ви кажам, мене едната ми е 14.000 денари, другата 18.000 денари. Знаете кога ќе им ги вадам јас сметките другпат од вода? Кога јас ќе се фрлам во Вардар, па нека ме вадат ЕВН оттаму. Човек не знае што да прави кога ќе ги види тие сметки – вели Петрушевска во видеото споделено на социјалните мрежи.

Секогаш кога има поголем ревот од високи сметки од ЕВН, стигнува истиот одговор дека никој нема да плати повеќе отколку што потрошил, дека може да се случи порамнување на сметките затоа што претходно сметките биле пониски, односно неотчитани и паушално напишани, дека ЕВН нема законска обврска да ги чита струјомерите секој месец и дека на крај – секој може да ги прочита и да ги достави податоци и да побара корекција, било да е тоа онлајн или во пунктовите на ЕВН.

Со оглед на тоа што од 1 јануари имаме поскапување на струјата, „Слободен печат“ побара одговори од ЕВН на две клучни прашања: Кога е вршено порамнување на сметките и зошто е дојдено до тоа порамнување и што ако сега некој пријави состојба на броило според кое има потрошено помалку киловати, отколку што добил сметка – по која цена ќе му се одбијат тие киловати, по ланската или по овогодишната?

– Порамнување на фактурите за електрична енергија се врши кога броилото ќе се отчита и фактурира, а претходната фактура била со проценети состојби (броилото не било отчитано). Со порамнувањето може да се добие: многу мала фактура, ако претходната процена била поголема; фактура само со комунална такса, ако процената била толку голема што сè уште не е достигната (потрошена) од корисникот и неочекувано голема фактура, кога процената била многу помала отколку што потрошил корисникот – велат од ЕВН.

Оттаму посочија и примери како тоа конкретно изгледа, а според нив, ако ви натплатиле повеќе киловат-часови во декември по старата цена, помалку ќе платите во јануари по новата, но ако е обратно во јануари ќе ги платите и декемвриските киловати по новата цена.

Имено, од ЕВН ни објаснија ако во декември се проценети и фактурирани 1.500 kWh, а реално биле потрошени 1.000 kWh, а потоа за јануари се прочитани 600 kWh – јануарската фактура ќе биде за само 100 kWh. Но, ако во декември се проценети 1.500 kWh, а реално потрошени 2000 kWh, тие „вишок“ 500 потрошени киловати ќе влезат во јануарската фактура.

Но, како што е познато, сметките се одамна скалести, односно не се за цел декември, или за цел јануари, а ако граѓаните бараат корекција, новата сметка ќе има пропорционален износ со стара и со нова цена. Еве како низ пример тоа го објаснуваат од ЕВН:

„Пример: Фактура за период 25.12.2021 – 25.01.2022 , проценети 1.000 kWh. На фактурата по стара цена се фактурирани 194 kWh, а по нова цена 806 kWh.
Имаме барање за корекција за истиот период, потрошени се 200 kWh. На корекциската фактура по стара цена ќе бидат фактурирани 39 kWh , по нова цена 161 kWh“.