Албанската министерка за надворешни работи: Сите жртви во несреќата се Албанци од Северна Македонија

3

Албанската министерка за надворешни работи Олта Џачка изјави дека жртвите во денешната несреќа во Бугарија, во која загинаа 46 лица, се Албанци од Северна Македонија.

Тоа го напиша на својот Фејсбук профил, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите и додаде дека Албанија и Северна Македонија се „блиску во овие тешки моменти“.

Амбасадорот на Србија: Нема потврда дека меѓу жртвите има и српски државјани

Амбасадорот на Србија во Софија, Жељко Јовиќ денеска изјави дека се уште нема официјална потврда дали меѓу жртвите во несреќата на македонскиот автобус во Бугарија има и српски државјани.

Јовиќ за Танјуг изјави дека амбасадата е во контакт со надлежните бугарски институции, вклучително и Министерството за надворешни работи и сообраќајната полиција, но дека никој досега не дал официјална потврда дека меѓу жртвите има и српски државјани.

Според моја претпоставка, сите шпекулации од медиумите се базираат на списоците на патници што ги имала туристичката агенција. Големото прашање е кој навистина бил во автобусот, медиумите шпекулираат дека се препакувале од автобус во автобус, бидејќи четири автобуси тргнале од Турција – изјави Јовиќ.

Според информациите, последната автобуска постојка била на бензинска пумпа во близина на Софија, па се претпоставува дека патниците можеле да се префрлат од еден во друг автобус.

Јовиќ рече дека бугарскиот министер за полиција на лице место изјавил дека сликата е „катастрофална“ и дека жртвите биле изгорени до непрепознатливост, а единствената можна идентификација е преку ДНК анализа