Ангеловска: Добрите кадри се клучни за функционирање на системот

14

Предлог буџетот за 2020 година, кој Владата го усвои неделава е тема на разговорот со министерката за финансии Нина Ангеловска. Таа во интервјуто за МИА посочува на инвестициите во човечкиот капитал кои имаат централно место во Предлог-буџетот за 2020 година.

„Наведувајќи податоци за индексот на човечкиот капитал во земјава во однос на развиените земји и земјите од регионот вели дека порано долго време се запоставувал нашиот највреден капитал-луѓето.Го менуваме тоа така што инвестираме највисока сума досега 154 милијарди денари во човечки капитал“, истакнува Ангеловска.

Во интервјуто говори и за проектите во кои ќе се инвестира, повисоките плати и пензии,…

„Централно место во Предлог-Буџетот за 2020 година имаат инвестициите во човечки капитал. Тоа значи дека ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани.

Индексот на човечки капитал на Светска банка мери колкава ќе биде продуктивноста во иднина на една земја, согласно условите кои се пружаат денеска, односно здравствениот систем, образованието и социјалната заштита. Индексот на човечки капитал на Република Северна Македонија изнесува 0,53. Тоа значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53% од својот потенцијал, согласно условите кои им се пружаат. Ако ги гледаме најразвиените економии во светот како САД, Германија, Швајцарија, Норвешка, Холандија, кај нив потенцијалната продуктивност е околу 80%. Земјите од Европската унија не заостануваат многу, со потенцијална продуктивност од 75%, додека во регионот таа се движи околу 65%. Овие податоци покажуваат дека порано, долго време се запоставувал нашиот највреден капитал – луѓето.

Го менуваме тоа, така што со Предлог-буџетот за 2020 година инвестираме, наjвисоки досега, 154 милијарди денари во човечкиот капитал, или 64% од вкупните расходи. Тие се однесуваат на здравство, образование и социјална грижа. Со вложување во луѓето и во подобрување на нивната продуктивност, директно придонесуваме кон посилен економски раст и развој.

Исто така, за да работната сила може да биде продуктивна, потребни се и физичкиот капитал како инфраструктура и опрема. Предлог-буџетот за 2020 година ги таргетира и нив.

Третата компонента на која и се дава поддршка во Предлог-буџетот е поддршката на приватниот сектор, бидејќи тој го генерира економскиот раст“, истакнува Ангеловска.

Планирано е и подобрување на здравството и образованието.

„За да овие сектори функционираат како што треба, клучни се добрите кадри. За да имате добар јавен здравствен систем, пред се треба да ги имате најдобрите лекари во јавното здравство и најдобриот медицински персонал. Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава, во јавното здравство. За да мотивирате дел од квалитетните студенти откако ќе дипломираат да одат да работат во просвета, треба исто така да им понудите пристојни плати. За таа цел во Буџетот за 2020 година предвидовме покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Од 1 јануари пак, се покачуваат платите на просветните работници за 10%.

Покрај обезбедување или задржување на квалитетни кадри во овие области, потребно е да се обезбеди опрема со кои тие кадри ќе работат и програми преку кои ќе обезбедат подобри услуги.

Во Предлог-буџетот за 2020 година предвидовме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството. Во рамки на оваа ставка предвидени се средства за отпочнување на изградбата на клиничкиот центар во Скопје, за клиничкиот центар во Штип, за реконструкција и доградба на јавни здравствени установи низ земјава, за набавка на медецинска опрема.

Понатаму, предвидени се средства за мерката „целосно здравствено осигурување” во вредност од 2,9 милијарди денари. Со мерката ќе се обезбеди здравствено осигурување на 240.000 граѓани кои не се осигурани по ниту еден основ. Исто така, има средства за програмата за лекување за ретки болести, за задолжителна имунизација и други програми кои ги подобруваат здравствените услуги кон граѓаните.

Издвоени се 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции во образованието, за реконструкција и изградба на училишни згради, спортски и училишни сали, студентски домови. За првпат следната година, се обезбедија финансиски средства за отпочнување на програма за инклузивно образование, со која лицата со хендикеп ќе добијат личен асистент“, истакнува Ангелоска.