Анкета: Осум од десет Грција загрижени за руската инвазија во Украина

6

Осум од десет Грци изразуваат загриженост за руската инвазија во Украина и последиците што ќе ги донесе, а исто толку сметаат дека целата ситуација ќе влијае врз грчката економија, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse” за грчката телевизија „Скај”, јави дописничката на МИА од Атина.

За санкциите и мерките за Русија воведени од Европската Унија, 47 проценти од анкетираните сметаат дека се поблаги од потребното, 21 отсто сметаат дека се логични и толку колку што треба, а останатите рекле дека се построги од потребното (15 проценти) или одбиле да одговорат (17 отсто).

Речиси седум од десет Грци (66 проценти) се согласуваат со одлуката на грчката Влада и неодамнешните најави за набавка на дополнителна воена ипрема, како што се авионите Рафал.

На политичката сцена, Нова демократија е во предност од десет отсто пред СИРИЗА, а актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис и понатаму е пред лидерот на опозицијата Алексис Ципрас, во однос на тоа кој е посоодветен за претседател на Владата.

На прашањето, кога е најдобро да се одржат следните парламентарни избори, 47 проценти одговориле во 2023 година, односно на крајот на мандатот на актуелната Влада, а 26 отсто сметаат до крајот на летото.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse” за грчката телевизија „Скај” било спроведено од 25 до 28 февруари, со анкетирани 1.205 граѓани со право на глас. ср/сд/