Мандл: Прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ пред Украина

13

Aвстрија – Членот на Австриската народна партија во Европскиот Парламент, Лукас Мандл, оцени дека се разбирливи размислувањата за членство на Украина во Европската унија. Но, според него, пред да дојде до тоа, треба да бидат примени сите земји од Западен Балкан.

– Разбирливо е тоа што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во моменталната ситуација, размислува и зборува за членството на Украина во ЕУ. Меѓутоа, пред да дојде до тоа, сите шест држави од Западен Балкан треба да бидат конечно примени во неа. Станува збор за многу помал регион, далеку понапреден во зрелоста за ЕУ, истакна Мандл.

Околу украинската криза, Мандл смета дека, тој што ќе почне војна, не смее да биде успешен во тоа, како и тоа дека задача на актуелната политичка генерација, е да се спротивстави, за да биде возможен живот без војни за идните генерации.

– Европа заслужува единство. Украина заслужува солидарност, руското раководство санкции со целосен ефект. Сите институции на ЕУ мора веднаш да побараат од Србија да остане во широкиот опсег на европски можности, јасно да се дистанцира од секој облик на поттикнување војна. Инаку, пристапните преговори би биле безнадежен потфат, тврди Мандл, кој е претседател на австриското здружение „Пријатели на Косово“.