Белорусија: Тихановскаја од егзил порача дека е подготвена да стане лидер на земјата

20

Противкандидатката на Александар Лукашенко на претседателските избори, Светлана Тихановскаја, која се наоѓа во егзил во Литванија денеска изјави дека е подготвена да застане на чело на земјата.

„Јас сум подготвена да ја преземам одговорноста и да дејствувам како национален лидер со цел да ја смирам ситуацијата во земјата и да ја вратам во нормален ритам“,порача таа во видео – пораката објавена на Јутјуб.

Таа побара ослободување на сите политички затвореници и подготовка на правна рамка и услови за нови претседателски избори, што ќе бидат признати од меѓународната заедница.

Во Белорусија веќе една недела се одржуваат масовни протести на незадоволство против актуелниот претседатл Лукашенко кој е на власт од 1994 година, по објавувањето на резултатите од претседателките избори, според кои освоил повеќе од 80 проценти од гласовите.

Тихановскаја на тие избори освои околу 10 проценти од гласовите, но ги оспори резултатите, по шро беше и приведена. Поради безбедност, таа набрзо ја напушти земјата и замина во Литванија.

Министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија да предложат санкции за белоруските претставници одговорни за фалсификување на изборите. И САД ги осудија изборите како нефер и неслободни.

Вчера во Минск се одржа еден од најмасовните собири на противниците на Лукашенко, на кој според проценки на странските медиуми имало 200 000 луѓе.

Паралелно со овие демонстрации, се одржа и митинг на поддржувачите на Лукашенко на кој говореше тој и на кој според медиумските извештаи имало едвај неколку илјади лица.