Беса остана без претседателот на огранокот од Тетово, Газменд Алиу поднесе оставка

45

Газменд Алиу, претседателот на огранокот на Беса во Тетово поднесе неотповиклива оставка од партијата разочаран и незадоволен од партиската одлука за коалиција со СДСМ.

Алиу на својот фејсбук-профил објави дека сите негови активности во партијата престануваат. „Се надевам дека тоа ќе го сторат и многу други чесни активисти со кои претходниве години напорно работевме со голема верба и посветеност. Се чувствуваме неизмерно разочарани од неодамнешните постапки на потесното партиско раководство“.

Алиу вели дека оваа партија беше надеж за Албанците во земјава, но гладта за власт на потесното партиско раководство ја турна партијата во коалиција со СДСМ само за да се задоволат интересите на поединци. Ги скршивте сите партиски принципи и обврски, им порача Алиу на неговите довчерашни сопартијци.

Газменд Алиу е член на Беса од 2014 година и брзо стана еден од највлијателните нивни активисти, особено во Тетово. „Арам да ви е мојот придонес и придонесот на сите активисти даден во овие 5 години“, им порача Алиу на раководството на Беса за непочитување на насоките на членството за ваквата коалиција.