Борел: Големо е влијанието на Русија на Балканот, сега е клучен момент за проширувањето на ЕУ

9

Односите со Русија никогаш повеќе нема да бидат исти, тоа ќе го зајакне европското единство и ќе биде голем поттик за процесот на проширување на ЕУ, изјави високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во интервју за Дојче веле во Тирана објавено вчера.

„Ова е вистински момент за посета на Западен Балкан: во тек е војна, а на Балканот постои големо влијание на Русија“, рече Борел и нагласи дека „сега е клучен момент за процесот на проширување“.

Високиот претставник, кој деновиве е во посета на земјите од Западен Балкан, посочува дека војната во Украина ќе влијае на сите, и преку цените на храната или енергенсите.

„Односот со Русија никогаш повеќе нема да биде ист, по она што го прават Русите бомбардирајќи градови, убивајќи цивили и кршејќи го украинскиот народ“, рече Борел, кој смета дека тоа ќе го зајакне европското единство, но ќе биде и голем поттик да се надминат дел од проблемите за да се забрза процесот на проширување на ЕУ.

Зборувајќи за тоа како земјите од Западен Балкан се позиционираа кон војната во Украина, Борел рече дека различни земји од Западен Балкан имаат различни односи со Русија, што е факт што има врска со историјата и географијата. Главно со историјата.

„Не е тајна дека Албанија во надворешната политика е многу поусогласена со Европската Унија отколку Србија. Сепак, морам да кажам дека Србија гласаше за резолуцијата на Генералното собрание на ОН. Ова е многу важен чекор и е наклонета кон страната на Европската Унија страна кога станува збор за човековите права, суверенитетот на нациите и почитувањето на меѓународното право“, рече тој.

Тој рече дека „Западен Балкан беше и останува високо на агендата на Европската Унија“.

„Но знаете, има настани што се катализатори на историјата, настани што го менуваат односот меѓу различни фактори, различни актери“, вели Борел.

Тој очекува Русија да го зголеми своето влијание на Балканот.

„Тие ќе се обидат да ги освојат душите на луѓето преку многу дезинформациски кампањи, ќе се обидат да ги убедат луѓето дека тие се борат против нацизмот, дека Зеленски е воен злосторник, дека ние, како што велат, сме извршиле геноцид врз Русите. Мора да се бориме против тој наратив“, рече Борел.