Брифинг на Османи со НВО: Нашата надворешна политика остана на вистинската страна на историјата

8

 

Улогата на граѓанскиот сектор во креирањето на надворешната политика беше во фокусот на денешниот брифинг на министерот за надворешни работи Бујар Османи со невладините организации.

Како што информираат од МНР, Османи, пред се, даде краток осврт на сработеното во 2022 година, ги истакна успесите и ги посочи предизвиците кои се резултат на многубројните активности што беа на агендата во текот на годината.

Османи рече дека 2022 година покажа оти македонската надворешна политика остана на вистинската страна на историјата, но, воедно, потенцира дека поминаа времињата кога надворешната политика ја креираа само политичарите, а ја спроведуваа само дипломатите.

– Степенот на демократскиот развој на едно општество, според мене, се мери според два критериуми: по грижата кон најранливите категории и по инволвираноста и влијанието што граѓанскиот сектор го има врз политиките, истакна Османи и додаде дека како шеф на дипломатијата исклучително е сензитивен кон мислењата, активностите и придонесот на граѓанскиот сектор во однос на надворешната политика.

Воедно, министерот, говорејќи за актуелните случувања во светот, со акцент на руската агресија врз Украина, информира дека како претседавач со ОБСЕ, од 1 јануари 2023, одлуката е во центарот на приоритетите на претседавањето да бидат луѓето.

При тоа, тој извести дека мотото на претседавањето е „За луѓето се работи“, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе.

Османи од невладините организации побара отвореност и подготвеност за соработка во насока на доближување на граѓанскиот сектор до надворешната политика, потенцирајќи дека е отворен за сите нови идеи и предлози и дека од негова страна, може да вети целосна транспарентност, инклузивност и посветеност.